Tuesday, November 18, 2025

ВНИМАВАЈ НА СЕБЕСИ


    Со овие зборови св. Василиј Велики ја започнува својата беседа, реферирајќи на библискиот цитат од Второзаконие 4, 9. Тој вели: „Внимавај на себеси. Односно, ниту на она што е твое, ниту на она што е околу тебе, туку внимавај само на себеси. Испитај се; кој си ти? Спознај ја својата природа: дека телото ти е смртно, а душата бесмртна, и дека нашиот живот е двоен.“

Многупати си мислиме дека само затоа што сме христијани, веќе сме духовно зрели и точно знаеме кога грешиме и кога не грешиме. Но, токму во тоа е лукавството и самоизмамата: нашата христијанска свест е полна со стапици, особено ако нашиот личносен однос со Христос е површен, рутински или сведен на традиција. Гревот е измамник, токму затоа што нè тера да веруваме дека сме стабилни и дека имаме контрола врз него. Но кога нашиот однос со Христос е фиктивен, а не животворен и дејствен, гревот лесно ја презема контролата и нè претвора во психолошки автоматизирани личности кои носат маски наместо вистинско „јас“. Тука станува збор за самоизмамама или прелест (следствено, коренот на зборот: πλάνη - заблуда, лутање, скршнување, оддалечување; πλανήτης - скитник, талкач).

Славој Жижек во неговото дело Заразата на фантазиите, вели дека најголемата и најопасната маска не е таа што ја носиме пред другите  некогаш таа ја препознаваме како улога - туку маската што ја сметаме за нашето вистинско јас: „Вистинската маска не е онаа што ја носиме во јавност, туку онаа што ја доживуваме како наше автентично внатрешно лице“. Тука он говори за идеологија, но не во класичната смисла, туку за идеологија која пребива во нашите желби, фантазии, проекции и внатрешни чувства. Тоа што често ние го „сакаме, посакуваме“, не го посакуваме ние, туку нашата маска, и секогаш, не е тоа што Христос го сака за нас.

Ова се открива во една остра средба во Новиот завет, каде Христос им вели на фарисеите дека се „варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија“ (Матеј 23, 27). Ова не е осуда на нивните дела, туку разоткривање на нивната самозаблуда: тие стварно верувале дека се праведни и добри, и дека нивната внатрешност е одраз на нивната надворешна дисциплина. Метафората е силна, зашто гробот е уреден и украсен, но зад таквата убавина стои длабочината на вознемирувачката вистина. 

Измамничката сила на гревот се појавува токму во она што го гледаме како „неважно“. Ние го сведуваме гревот на дело или помисла, на нешто ситно што нашата волјата ќе го „исправи“ со мал труд. Правиме хируршка делба на нашето „јас“ од гревот, размислувајќи на начинот: ние и гревот. Но ако ја занемариме нашата падната природа — нашето вистинско и рането „јас“ — тогаш нашиот подвиг е осуден да биде површен и фрагментиран. Тогаш подвигот се претвора во чист морализам: дијалогот со гревот станува само пресметливост– „дали згрешив денес, колку, кога, има и полошо“ – а не вистинска духовна трезвеност. Ова нè води до лицемерие и фарисејство, коешто станува орудие за одржување на нашата маска, наместо пат кон преобразба. Човекот кој е затворен во своите динамични улоги, воопшто не знае дека се преправа. Избегнувајќи ја средбата со себеси тој ги крие своите рани, па така сокриени, не Му дава на Христос да ги допре и исцели.

Постојат луѓе кои надворешно прават сè: завршуваат факултети, одат на работа, одговорни се, исполнителни, добри со другите, домаќини се, постат во петок итн... Тоа е благословено, но често тоа станува формализам. Може со точност да ги исполнуваат правилата, а внатрешно никогаш да не се преобразат, зашто не се соочиле со своите длабоки стравови, страсти и рани. Не го претставиле своето јас пред сопствените идоли. И тогаш сè е ништо — не затоа што тие ствари се излитени, туку затоа што тоа е само исполирана верзија на старата личност. Непреобразен „добар“ човек.

Христос е оној Кој преобразува, преку личносната, искрена и разголена средба. Тој однос се темели на љубов и слобода, тогаш не носиме никакви маски, туку стоиме пред Него онакви какви што сме. Тогаш конечно воздивнуваме од тежината на глумата, зашто Христос не го преобразува она што го криеме, туку она што Му го откриваме. Колку повеќе пребиваме во божествениот ерос, толку поавтентично се спознаваме себеси, притоа останувајќи свесни за нашата грешност. Надвор од тој ерос, свесноста за својата грешност е само бесконечна вина и самоизмама.







No comments:

Post a Comment

ВНИМАВАЈ НА СЕБЕСИ

     Со овие зборови св. Василиј Велики ја започнува својата беседа, реферирајќи на библискиот цитат од Второзаконие  4, 9. Тој вели: „Внима...